Македонија
28. July 2017 - 13:03

Состанок во Министерството за правда за Старегијата за реформи во правосудството

Во Министерството за правда се одржа координативен состанок со сите засегнати институции, организации и здруженија во врска со стратегијата за реформа во правосудниот сектор.

Како што соопшти Министерството за правда, на состанокот, покрај министерот за правда Билен Саљији, обраќање имале и заменикот на министерот за правда Оливер Ристовски, како и претседателот на работната група за изготвување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор Ана Павловска-Данева.

- Министерот имаше кратко излагање за Планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија во насока на спроведување на „Итните реформски приоритети“. Тој истакна дека Министерство за правда е главен носител на реформите во правосудството, но заедно со сите чинители на правосудниот систем, стои во соопштението.

Целта на оваа средба, се наведува, е активно вклучување и учество на сите чинители во правосудството во процесот на изготвување на стратегијата. Присутните биле информирани дека во рамките на Министерството за правда е формирана работна група за изготвување на стратегијата за реформа на правосудниот сектор со акциски план.

По отворената расправа и дискусија на сите учесници на состанокот министерот Саљији ги повикал присутните да дадат конструктивен придонес во реформата, на начин што сите свои забелешки, сугестии, истражувања, мислења и ставови да ги достават до работната група за изготвување на стратегијата во Министерството за правда. 

- Министерот го истакна своето очекување за успешна соработка и успешен исход на сите чинители во правосудниот сектор, се наведува во соопштението.