Македонија
12. March 2016 - 21:38

Состанок на кризниот штаб во Крива Паланка за најавените врнежи

Општинскиот кризен штаб во Крива Паланка одржа превентивен состанок по најавените врнежи од над 40 литри на метар квадратен.
 
- Сите релевантни институции добија задолженија за формирање дежурни тимови кои ќе бидат во приправност и ќе бидат на располагање 24 часа поради можните одрони, свлечишта или излевање на реките. Во општината нема критични точки, сега за сега, но најдобро е да бидеме внимателни и да направиме превенција на какви било можни несакани ппроблеми кои би ги донел најавениот обилен дожд, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
 
На состанокот присуствуваа претставници од Министерство за внатрешни работи, Дирекција за ваштита и спасување, Центар за управување со кризи, јавното претпријатие Комуналец, Територијална противпожарна единица, ЈП Македонија пат, Здравствен дом, директори на основните и средни училшта од градот...
 
Во текот на вчерашниот ден беше расчистен голем одрон на карпи од 2-3 тона на патот во село Трново, а денеска локалните служби расчисуваа две поголеми свлечишта и ги оспособија патните правци кон манастирот св.Јоаким Осоговски и кон село Станци.
 
Алексовски информира дека општинските привремено ангажирани работници ќе бидат на повик, а општината обезбедила доволна количина вреќи за евентуално поставување насипи.
 
Од подрачната единица на ДЗС во Крива Паланка информираа дека утре иако е неработен ден, сите вработени ќе бидат на работните места и ќе дежураат.
 
На состанокот беше истакнато дека доколку има потреба од евакуацвија на граѓани, би се згрижувале во општинскиот ученички дом „Боро Менков“ и во сместувачките оддели на здравствениот дом акад.проф д-р „Димитар Арсов“.
 
- Сите служби кои имаат такви надлежности ќе ангажираат или мобилизираат градежна и останата механивација која ќе може да се употреби доколку е потребна интервенција. Останува службите да бидат во приправност цело време и состојбата будно да се следи, заради навремена реакција, рече Алексовски.
 
Од подрачната единица на Македонија пат нагласија дека имаат засилени дежурства, сеуште е во погон механизацијата за зимски услови и одржување, а информираа и дека денес интервенирале поради ситни одрони на магистралниот пат, како и на мало свлечиште во село Дубровница.