Македонија
3. December 2016 - 10:15

Сопранистката Милена Арсовска со главна улога во чешката опера „Бура"

На сцената на Моравскослезскиот театар во чешкиот град Острава вечет ќе биде изведена премиерата на операта „Бура“ во која една од главните улоги ја има македонската оперска певица Милена Арсовска, јави дописникот на МИА.

Операта „Бура" во 1895 година ја напишал композиторот Фибих Здењек, кого го нарекуваат чешки Вагнер, на адаптиран текст од истоимената Шекспирова драма, а на чешката сцена се враќа по 47 години. 

Претставата во себе ја крие животната приказна на Просперо, избрканиот поранешен војвода од Милано,  кој живее на магичен остров опкружен со езотерични книги, но истовремено ја крие и приказната на Шекспир, за која критичарите сметаат дека токму таа е збогување со уметничкиот свет.
 
- Го толкувам ликот на духот Ариел, кој е напишан за женски глас, колоратурен сопран, но во машко тело. Со интересни движења, спори, брзи и на некој начин нестварни или воздушести, Ариел е постојано на сцената. На моменти зол, на моменти комичен и романтичен му слугува на Просперо со цел да ја добие својата слобода, изјави Арсовска за МИА. 
 
Таа додаде дека пее на чешки јазик, уживајќи во прекрасната музика.
 
Со поставувањето на „Бура", оперскиот ансамбл на чешкиот Национален театар се вклучува во проектот „Шекспир Острава 2016", со кој се одбележува  400-годишнината од смртта на големиот писател.

- Навистина сум среќен, дека можам да учествувам како творец на една од Шекспировите инсценации. Оваа извонредна оперска обработка на последната претстава на Шекспир на либрето на Јарослав Врхлицки во Острава беше слушната пред 69 години, вели директорот и режисер на операта Јиржи Неквасил, за кого враќањето на претставата е голем предизвик, одговорност и особена радост. 

Арсовска, која живее и работи во Виена, минатата година, на главната сцена на  Народниот театар во Прага, ја пееше главната улога во операта „Славеј“ од рускиот композитор Игор Стравински.

Сопранистката Милена Арсовска дипломирала на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистерските студии по оперско пеење ги завршила во Виена. Дебитирала на 17 години на сцената на Македонската опера и балет. 

Покрај во Македонија и Австрија, има настапувано и во Шпанија, Италија, Германија, Швајцарија, Шведска, Холандија, Малта, Франција, Јапонија и во САД.