Македонија
18. November 2017 - 16:17

Солунскиот градоначалник Бутарис рамнодушен за реакциите во Грција поради употреба на името Македонија

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис вели дека е рамнодушен по низата напади врз него поради користењето на уставното име на Македонија за време на неговата посета на Скопје. Бутарис во изјава за грчките медиуми вели дека пред средбата разговара со шефот на грчката дипломатија Коѕијас кој го поттикнал на овој начин да ја продлабочува соработката.

- Оваа чудна врева што се создаде затоа што реков Македонија, ме остава целосно рамнодушен бидејќи секое заживување на такви случаи само лошо им прави на овие напори за развивање на подобри односи. Пред да заминам разговарав со министерот за надворешни работи Никос Коѕиас и тој нѐ поттикна да правиме ваков вид на соработки со Скопје, вели Бутарис за грчките медиуми.

Интересно е што за Бутарис, Македонија е Македонија се додека е на македонска територија. Штом се врати во Грција, за солунскиот градоначалник ја враќа и познатата грчка реторика кога станува збор за односот со Македонија.

„Јас со задоволство ја прифатив поканата , за да ги заживееме односите со оваа земја, односно Скопје. Над еден милион Скопјани доаѓаат во поширокиот регион на Солун или за одмор или за забава или за било што друго и ова е нешто што е многу важно за Солун – вели Бутарис.
 
Солунскиот градоначалник е еден од ретките грчки политичари кој барем при посетите на Македонија го користи уставното име на земјата. Во ланското интервју за Сител изјави дека нема никаков проблем ниту со терминот Македонци ниту македонски јазик.