Кошарка
18. September 2017 - 17:59

„Соколите“ подготвени за Лигата на шампиони на ФИБА

 
Кошаркарите на Карпош Соколи утре ќе дебитираат во Лигата на шампионите, а прв противник ќе им биде Калев од Естонија. Во таборот на македонскиот вицепрвак владее оптимизам пред утрешниот меч и очекуваат да ја запишат првата победа.
 
- Добро работевме изминатиот период и подготвени го очекуваме двомечот со Калев. Ова е огромен предизвик и за кошаркарите и за мене како тренер. Не очекува силен противник  кој настапува во силната ВТБ регионална лига. Играат брза кошарка и опасни се во транзиција, а исто така и добро шутираат. Искуството е на нивна страна, но ние ќе се обидеме да ги искористиме нашите добри страни, изјави тренерот Борче Даскаловски.
 
Репрезентативното засилување за „карпошовци“ посакува победа како награда за добрите подготовки. 
 
- Задоволен сум од овие тринеделни подготовки. Хемијата постепено расте, со секој тренинг се повеќе се разбираме меѓу себе, па мислам дека сме добро подготвени. Знаеме дека нема да биде лесно, бидејќи Калев е доста квалитетен состав, но ќе дадеме се од себе да обезбедиме триумф, изјави Ѓуровски.
 
Апел за поддршка од навивачите упати центарот Драган Лабовиќ кој беше еден од најдобрите изминатата сезона.
 
- Имаме предност на домашен терен, тоа мора да искористиме. Ги повикувам сите навивачи на нашата екипа, утре да дојдат во „Борис Трајковски“ и да ја дадат поддршката за овој клуб, бидејќи ќе ни треба, а ние ќе се обидеме да им вратиме со победа, истакна Лабовиќ.
 
Управата на Карпош Соколи реши да овозможи бесплатен влез во салата за утрешната средба која почнува во 17 часот