Свет
13. October 2017 - 12:10

Сојузник на каталонскиот лидер го повикува да ја прогласи Каталонија за република

 

Клучниот политички сојузник на владејачката коалиција во Каталонија денеска го повика претседателот на регионалната Влада, Карлес Пуџдемон да го потврди прогласувањето независност од Шпанија.

Централните власти му дадоа на Пуџдемон краен рок до понеделник да се изјасни дали објавил независност во двосмислениот говор пред Парламентот. Во него, тој рече дека Каталонија потпишала декларација за независност, но предложи да се замрзне нејзината примена за неколку недели, за да се даде можност за посредување и дијалог со шпанската Влада.

Шпанската Влада се закани дека ќе активира мерки без преседан за одземање на самоуправата на Каталонија, ако таа продолжи со реализацијата на плановите за отцепување.

Во писмото со денешен датум екстремно левичарската каталонска партија Кандидатура за народно единство (ЦУП) вели дека Пуџдемон треба да го игнорира предупредувањето на шпанската Влада, да го поништи одложувањето и категорично да прогласи независна република.