Македонија
27. February 2017 - 16:33

Социјалните служби на терен по сторијата за старскиот дом „Бранкица“

Министерството за труд и соцјална политика бара решение каде да бидат преместени моменталните корисници во домот за стари лица Бранкица, по одлуката за одземање на лиценцата за работа на оваа установа. Во петокот министерот Ибрахими го потпишал решението по неколкудневниот инспекциски надзор кој открил бројни неправилности и немање на минимални услови за работа.

- Министерството за труд и социјална политика го следи овој процес и ќе соработува со сите релевантни институции, Центри и Установи за непречено да продолжи соодветната грижа за старите лица, стои во писмениот одговор од ресорното министерство.

По сторијата за Владо Петковски чија сопруга обвини дека бил малтретиран и изгладнуван во домот, инспекторите на лице место констатирале дека има проблем со исхраната а ги потврдија и шокантните сведоштва на граѓани дека пелените за еднократна употреба ги переле, сушеле и повторно ги употребувале. За нехуманиот однос во оваа установа имаше бројни јавувања на семејства кои обелоденија дека алиштата ги перат на рака а нема и лифт за транспорт на неподвижните лица. Освен што ќе остане без дозвола за работа, на сопственикот на Бранкица му се заканува и тужба од сопругата на пензионираниот полицаец.  

- Овој случај ги поттикна надлежните да проверат како функционираат и останатите установи. Во тек е вонредна инспекциска контрола и во другите домови за згрижување на стари лица. По нивното завршување, министерството ќе излезе со податоци дали и други можат да се соочат со одземање на лиценцата за работа.