Македонија
17. November 2017 - 17:06

Собраниската сала празна, опозицијата обвинува за генерирање нови трошоци

Пет заменици генерални секретари во парламентот, по еден од секоја политичка партија во Собранието, се преголем трошок кој ќе се плаќа од народни пари, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ која ќе остане единствената која нема да биде дел од раковдните позиции во собраниската администрација. Од опозициската партија обвинуваат дека за прв пат се именуваат толку заменици генерални секретари и тоа без оглас со цел да се одржи како што рекоа „селотејп коалицијата на Заев“. Пратениците од власата воопшто не се јавија за збор, нивниот став го пренесоа само преку една реплика.

„Кажувате дека пет заменик генерални секретари се многу, 10 пратеницички групи не се многу. Не ве загрижува тоа што правите трошок кога барате 10 пати пауза...

Иако расправата заврши, сепак пратениците не гласаа за одлуката бидеејќи во салата како што констатира Талат Џафери немаше доволен број на пратеници. Гласањето ќе се случи дури идниот четврток. Впрочем, целата собраниска дебата денска се одвиваше пред само десетина пратеници. Главната собраниска сала особено на почетокот беше празна, а седницата наместо на пладне почна после 13 часот. Најпразни беа клупите на владејачкото мнозинство.

За отсуството на пратениците од колицијата на СДСМ, координаторот Томислав Тунтев ни одговори преку смс порака.

„Повеќето колешки и колеги беа ангажирани со протоколарни активности (ОБСЕ, УНИЦЕФ) и присуство на промоција на книга на наш колега пратеник. Седницата беше закажана за 12.00 часот вчера вечер без дополнителна координација, а ние вчера побаравме од претседателот доколку има седница да биде закажана подоцна, затоа што останатите службени и општествени активности веќе беа однапред закажани или потврдени “, ни одговори Тунтев.

Наспроти неговото тврдење, собраниските служби ни потврдија дека своето отство го оправдале само 19 народни избраници.