Македонија
16. August 2017 - 19:21

Собраниската расправа за разрешувањето на Зврлевски заврши

На попладневното продолжение на шестата собраниска седница заврши расправата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Пред крајот на седницата координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски го презентираше мислењето на Антикорупциската комисија според кое по распишување на изборите постои законска пречка за разрешувањето на државниот јавен обвинител. По ова тој најави дека нивните пратеници ќе ја напушат работата на седницата по оваа точка бидејќи ја сметаат за незаконска, а одговорноста, посочи, ќе биде на мнозинството. Тој му предаде и копија од писмото од Антикорупциска на спикерот Џафери.

Претседателот на Собранието Џафери по однос на процедуралната интевренција на Димовски, за како што рече, некаков извештај на Антикорупциска по однос на законитоста на работата на Собранието, се повика на глава 4 во Деловникот за работа на Собранието, односно член 60 за пропишаните надлежности на претседателот на Собранието, и рече дека Комисијата неовластено се обратила до Собранието со што го прекршила Уставот и законот, односно Деловник.

- Писмото кое на ваков начин го достави до мене Илиевски не произбедува формално-правбни обврски кон мене како претседател на Собранието, а понајмалку за Собранието. Собранието е највисок законодавен орган во РМ и со никаков закон не може да се ограничи или попречи неговата работа чија надлежност е пропишана во словото на Уставот и законите. И во тој контекст сметам дека граѓаните на РМ ќе разберат, а особено научната и стручната фела дополнително ќе ја објаснат оваа ситуација оти Собранието не може да ја ограничи својата надлежност како законодавен дом, а понајмалку некакво си мислење од друг орган кој е избран од ова Собрание и не може да биде контролор на Собранието, рече Џафери.

По ова заврши расправата по точката за разрешување на Зврлевски, а продолжението на шестата седница како што беше речено, ќе биде дополнително закажано.

Инаку, пратениците од владејачкото мнозиство и денеска не учествуваа во расправата за разрешувањето на Зврлевски. За СДСМ, кои ставот го искажаа на претходните продолженија на седницата, меѓусебните реплики и контрареплики на ВМРО-ДПМНЕ се рашомонијада и бурлеска за пролонгирање на правдата, поради што тие и најавија дека нема да учествуваат во таквата бесмислена расправа. Сметаат дека разрешувањето на државниот јавен обвинител е законско и легално во целост зашто воопшто не значи негово отпуштање од работа или прекин на неговиот работен однос.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, пак, продолжија со серијата реплики и контрареплики. Повторија дека барањето на Владата е неосновано и неаргументирано, се повикаа на членот 8а, став 1 од Изборниот законик со кој, како што велат, е истакнато дека сите постапки за назначување и разрешување функционери не смеат да се случуваат кога се објавени избори.

Повторија дека расправата за разрешувањето на Зврлевски намерно се форсира за да се дефокусира јавноста од клучни теми како што се велат,  задолжувањето на државата, партизацијата на државните институции, стартегијата за бегалците, Договорот со Бугарија, укинувањето на дисперзираните студии, пожарите...

Побараа од мнозинството да се согласи прво да се донесат измените на законот за јавен обвител според кој предлагаат новиот јавен обвинител да се бира со двотретинско мнозинство и да доаѓа на предлог на опозицијата. 

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед, стои, меѓу другото, во предлог-текстот.