Македонија
30. March 2017 - 18:54

Собраниската конститутивна седница продолжува утре

Попладнево пратениците ја продолжија конститутивната седница на која се дебатира за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

И по кусата пауза дадена во поладневниот дел, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја користеа можноста за реплики и контрареплики, кои ги искористија, меѓудругото и за да упатат пораки и барања за нови избори или откажување од тиранската платформа. Исто така, и покрај договорот да не се злоупотребуваат процедуралните забелешки, најголем дел од дискусијата на пратениците беше токму преку таквата можност. Пратениците од СДСМ истакнаа дека нема тиранска платформа, туку само реформска програма на владата, како и да побараат да се избере претседател на Собранието и нова влада за да можат да се спроведуваат реформите.

Петре Шилегов, истакна дека сите реплики се надвор од темата и оти непотребно се трошат народни пари за вакви дискусии. Секој собраниски ден, како што рече, чини 20 илјади евра народни пари. Иако немате парламентарно мнозинство, посочи, ја држите Македонија и нејзината иднина во заложништво. 

Говорејќи за тоа дали има некаква декларација на Албанците во Македонија, рече да, има, но дали таа е основа за формирање влада на РМ - не.

- На СДСМ не му е услов да формира влада прифаќање определена платформа. Основ за формирање на парламентарно мнозинство иза владата е програмата на Владата што ја промовираше СДСМ, рече Шилегов.

Кога се прави владина коалиција, потенцира тој, се усогласуваат двете програми, и се бараат минимум точки или слични приоритети околу кои има согласност, а тоа се преточува во документ наречен програма на влада. Се наоѓаат рече, делови кои се заеднички и тоа е минимум за поддршка, како што се ЕУ, НАТО, реформските приоритети на Прибе, СЈО, зачувувањето на унитарниот карактер и уставното уредување. 

Сите решенија од владината програма, рече, ќе се гледаат во Парламентот, ако има нешто неуставно претседателот на државата може да го врати законот назад, а ако и после тоа се јават неуставни одредби постои Уставен суд.

Пратеникот Крсте Муковски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не е сигурен оти е тоа така, бидејќи, како што рече, и во последната изјава Артан Груби од ДУИ рекол дека ги дале потписите ги само со услов да ги исполнат точките од платформа и законот за јазици. Затоа, рече, кажете дали и што од платформата сте прифатиле.

На ова, во процедурална забелешка, реплицираше и пратеникот Томуслав Тунтев кој рече дека нема никаква платформа, туку дека има само програма за работа на владата. Погледнете ја таа програма, рече, и видете дали ќе најдете во неа некаква платформа.

Претседавачот Трајко Вељаноски продолжението на седницата го закажа за утре во 11 часот.