Македонија
20. јуни 2016 - 8:33

Собраниска делегација на конференција за миграција во Брисел

Делегација на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска и утре во Брисел ќе учествува на Интерпарламентарната конференција на тема „Миграцијата и политиката за азил на ЕУ: Импликации за парламентите од земјите на проширувањето".

Македонската делегација ќе ја предводи претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Владимир Ѓорчев, а во неа ќе бидат и пратениците Нада Ципушева, Рафиз Аљити и Петре Шилегов. 

Интерпарламентарена конференција во Брисел е рамки на Програмата за поддршка на парламентите од земјите на Западен Балкан и Турција, во организација на Европскиот парламент, Комитетот за надворешни работи и Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи.

На конференцијата се очекува да учествуваат европратеници и членови на комитетите, како и претставници од парламентите на земјите на Западен Балкан и Турција, со цел да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици со миграцијата и политиката за азил.