Македонија
19. јуни 2017 - 10:51

Собраниска делегација на Интерпарламентарна конференција во Брисел

Делегација на Собранието на Македонија денеска и утре во Брисел ќе учествува на Интерпарламентарна конференција на тема: „ЕУ законодавен процес - од законодавна иницијатива до имплементација и мониторинг", во рамките на Програмата за поддршка на парламентите од земјите на Западен Балкан и Турција, во организација на Европскиот парламент, соопшти собраниската прес-служба.

Во собраниската делегација се пратениците Бетиане Китев, Шпреса Хадри, Илија Димовски и Африм Гаши.

Во фокусот на конференцијата ќе биде ЕУ законодавниот процес, со особен акцент на улогата на парламентарните комисии како алатки за зајакнување на надзорната улога на законодавната власт наспроти извршната власт.

Исто така, ќе се разгледуваат најдобрите законодавни практики на Европскиот парламент, со цел да најдат примена во националните парламенти.

На Интерпарламентарната конференција ќе учествуваат европратеници и членови на различни комисии во рамките на Европскиот парламент, како и претставници од парламентите на земјите од Западен Балкан и Турција.