Македонија
12. јуни 2017 - 16:32

Собранието во среда ќе избира заменици-министри во владата на премиерот Заев

Во среда се очекува Собранието да ги избере новите заменици министри во кабинетот на Заев. Според неофицијалните информации кои доаѓаат од партиски извори ДУИ ќе добие 4 заменички места, а Алијансата две.

Кадрите на ДУИ ќе бидат заменици министри во министерствата за одбрана, финансии, образование и во МВР. Села свои кадри на позиција заменик министер ќе делегира во министерството за труд и социјална политика и транспорт и врски.

Дополнително, уште 4 позиции државен секретар и тоа во култура, земјоделство информатичко општество и во секретаријатот за спроведување на рамковниот договор ќе дојдат од Мала Речица, додека државните секретари во МВР и министерството за правда ќе бидат од партијата на Села.

Кои кадровски решенија ќе бидат предложени од партиите се уште не откриваат.

Во меѓувреме се прави распределба и на директорските места во јавните претпријатија, додека за државните тела и комисии, како на пример Регулаторната комисија за енергетика и антикорупциската комисија потребен е и гласот на БЕСА, бидејќи нивниот избор оди преку собраниската комисија за избори и именувања, каде СДСМ, ДУИ и Алијансата немаат мнозинство.

За изборот на замениците министри, кој се најавува за во среда на парламентарното мнозинство му треба 61 глас.