Македонија
5. April 2017 - 18:32

Собранието утре ја продолжува конститутивната седница

Конститутивната седница на Собранието за избор на претседател, членови и заменици на Комисијата за избори и именувања ќе продолжи утре.  

Претседавачот со седницата Трајко Вељаноски не го прифати барањето од Оливер Спасовски од СДСМ да овозможи да се гласа за продолжување на работата на Собранието и по 18 часот се до исцрпување на дневниот ред на конститутивната седница. Тоа барање, како што рече Спасовски, во име на 61 пратеник, го поднеле и до собраниската архива, имајќи предвид дека имало ваква пракса.

Вељаноски образложи дека согласно измените на собранискиот Деловник, за продолжување на работното време на Собранието, не се одлучува по барање на пратеници.

Во процедурална реакција, Илија Димовски рече дека Деловникот на Собранието прецизно кажува кое е работното време. - Согласно член 68 став 4 од Деловикот на Собранието на РМ, седница на Собранието се одржува од 11 до 18 часот со пауза од еден час освен ако претседателот на Собранието не одлучи поинаку, рече Димовски.

Во попладневниот дел од дебатата, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во фокусот им беше т.н. тиранска платформа и барањето за нејзино отфрлање од раководството на СДСМ. Пратениците до СДСМ, пак, кои се откажаа од репликите во интерес на завршување на седницата, во процедурални реакции обвинија дека се крши собранискиот Деловник со цел одоговлекување на дебатата. 

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ побара широка дебата од сите за излез од сегашната политичка состојба.

Во реплика на Кузмановска, нејзиниот сопартиец Влатко Ѓорчев оцени дека СДСМ се крајно политички неодговорни затоа што, како што рече, за дополнителни 20.000 до 30.000 албански гласови, дозволиле да се дестабилизира државата и да се отворат крупни и тешки прашања.

- Сега имаме ситуација во која СДСМ поради хроничната неможност да испорачаат победа кај гласачите влезе во трка за добивање албански гласови, што е во ред и легитимно, но, не по цена на отворање цела низа прашања кои го стават под прашалник функционирањето на Македонија, рече Ѓорчев.

Благица Ласоска, исто така во реплика,  наведе дека ова се историски моменти за Македонија  поради „тиранската платформа“, која, потенцира, е потпишана од албанските партии во Тирана што значи директно мешање во внатрешните работи на Македонија и која е постизборен документ.  - За ваков документ треба да бидат прашани граѓаните. Ако некој сака оваа птафрома да биде дел од нечија владина програма тогаш ќе мора да оди на избори затоа што директно навлегува во унитарноста на Република Македонија, рече Ласоска.