Македонија
19. September 2017 - 14:27

Собранието расправаше за законот за исплата на плати, по паузата продолжува 15. седница

Собранието на Република Македонија по паузата ја продолжи расправата по дополнувањата на Законот за исплата на плати поднесен од опозицијата со кој се предлага зголемување на платите на вработените во јавната администрација за пет проценти.

Ставот на пратениците од парламентарното мнозинство е дека се работи за популистички закон којшто се предлага пред избори, додека за опозицијата станува збор за закон кој е продолжение на конзинстентната политика за зголемување на платите.

- Досега беа носени измени на Законот за исплата на плати во пет наврати со тоа што почнувајќи од 2009 година беше преамбициозна вашата намера да ги зголемите платите во јавниот сектор за 10 проценти, а од сите пет законски решенија само еднаш во 2014 година беа зголемени платите во јавниот сектор за четири проценти, истакна Јагода Шахпаска од СДСМ. 

Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија рече дека законот не е популистичка мерка затоа што треба да почне да се применува од 1 јануари следната година.

По редовната едночасовна пауза Собранието ќе ја продолжи 15. седница, а продолжението на 12. седница ќе биде дополнително закажано.