Македонија
17. December 2015 - 22:26

Собранието отворено за соработка со лицата со посебни потреби

Собраниските комисии за образование, наука и спорт, за труд и социјална политика, за здравство, за еднакви можности меѓу жените и мажите и за транспорт, врски и екологија се отворени за лицата со посебни потреби. Ова им го порачаа претседателите на комисиите на претставниците на повеќе од 20 здруженија на лица со посебни потреби на денешната работна средба на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности (ИППГ).

Прретседателката на Комисијата за образование, наука и спорт Олга Најденоска им порача дека секогаш се добредојдени на седниците бидејќи, како што рече, многу може да се научи од нив.

- Ова е добриот миг да кажам дека сметам дека треба да учествувате на седниците кога се носат закони кои не допираат сите нас и нас и вас, рече Најденоска.

Јован Митрески, претседателот на Комисијата за труд и социјална политика рече дека целосната интеграција на лицата со попреченост е предуслов за уривањето на сите бариери, почнувајќи од физичките па до сите други.

- Целта ни е иста и заедничка и за нејзино остварување нема и не треба да има никакви поделби. Искуствата  од развиените земји ни се добар патоказ како, и каде треба да се движиме, а наша задача е нив да ги прилагодиме на нашите услови, рече Митрески.

Дека комисијата е отворена за сите лица кои сакаат да дојдат и да учествуваат во нејзината работа поврди и претседателката на Комисијата за здравство Јагода Шехпаска.

Лилјана Кузмановска, потпретседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите рече дека има огромна почит за храброста на лицата со посебни потреби и додаде дека како пратеници се тука да бидат отворени за нивните барања.

Реџаил Исмаили, претседателот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, потсети дека според барањата на лицата со посебни потреби се направени измени во законите за договор за транспорт во железничкиот превоз, за цивилна авијација и за градење.

Потпретседателката на ИППГ, пратеничката Соња Мираковска порача дека после 12 години заедничка работа веќе е време да се гледаат плодовите од работата.

Пратеничката Солза Грчева рече дека во 21 век не е доволно и не може да се задоволиме само да им се обезбеди слободно движење на лицата со хендикеп, туку е неопходно нивно целосно интегрирање во системот на здравство, образование, политика,...

Нејзината колешка Лилјана Попоска од ДОМ особено му се заблагодари на претседавачот на ИППГ, пратеникот Сашо Василески за несебичното залагање за повторно отворање на вратите на Собранието за лицата со посебни потреби прв пат по 2006 година.

Елена Кочоска од Полио плус порача дека се горди на досегашната сработка, но не и задоволни.

- Сакаме да создадеме придобвики во општеството за сите нас. Затоа работиме по принципот „ништо за нас, без нас“, кој мора да се почитува и да се гине за него. Бараме да ни се остварат основните човекови права, а не специјална грижа, душегрижништво и посебни овластувања, рече Кочоска.

На работната средба беше поднесена информација за досегашните активности на ИППГ, беше претставена Националната платформа за сексуално и репродуктивно здравје на лицата со хендикеп изработена од ХЕРА и беа најавени следните активности на Интерпартиската парламентарна група.