Македонија
22. May 2017 - 16:16

Собранието ќе ја гласа владата следната недела?

Се помали се шансите лидерот на СДСМ на партискиот Конгрес во сабота да дојде како премиер. Извори од парламентарното мнозинство велат дека се уште не е дефинирано кои политички партии ќе бидат дел од новата владина коалиција.

Според неофицијалните информации кои доаѓаат од партиски кругови, најтешко одат преговорите со БЕСА, пред се поради анимозитетот со ДУИ. Истите извори велат дека се уште е неизвесно дали БЕСА ќе му ја даде поддршката на Заев или ќе остане надвор од коалицијата со што значително ќе влијае на нејзината стабилност, бидејќи без БЕСА, Заев ќе има тенко мнозинство од 62 пратеници.

За разлика од БЕСА, партијата ДУИ, е сигурен партнер на СДСМ. Неофицијалните информации велат дека веќе се договорени и кадровските решенија но од партиите тоа не го потврдуваат. Речи си извесно е дека Арифи и Меџити ќе добијат функции во извршната власт, а за останатите позиции од ДУИ не ја отфрлаат можноста да бидат инсталирани и непартиски кадри.

Преговорите со партијата на Села, Заев ги почна денеска. Во услови кога поддршката на БЕСА е неизвесна, токму алијансата станува клучна во преговорите за новата влада, бидејќи без нив, Заев воопшто нема да има мнозинство во Собранието. Неофицијално Села го бара ресорот здравство и повеќе пониски позиции.

Медиумите веќе објавија дел од имињата на можните министри од редовите на СДСМ. Спасовски, Тевдовски, Шеќеринска, Деспотовски и Димитров се речи си сигурни играчи на Заев.

Дел од медиумите блиски до СДСМ денеска пишуваат дека е можно пртениците до петок да го добијат предлогот за новата Влада, по што собранскиот спикер има рок од 3 дена за да свика собрансика седница.