Македонија
27. March 2017 - 12:33

Собранието ја продолжи конститутивната седница

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи конститутивната седница на која ќе се избира претседател, заменик на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Во Комисијата ВМРО-ДПМНЕ ќе биде застапена со шест членови, СДСМ ќе има пет, а ДУИ и Беса по еден член. Според  предлог-составот  доставен до Собранието,  за претседател на Комисијата е предложен  Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а за негов заменик Зоран Илиоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ за членови се предложени Антонијо Милошоски, Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стеванаџија и Благица Ласовска, од СДСМ Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфегџиќ, од ДУИ Џеват Адеми и Зеќирија Ибрахими од БЕСА. За заменици членови на Комисијата, пак, се предложени пратениците Лилјана Кузмановска, Драган данев, Трајчо Димков, Васил Пишев, Крсто Јовановски, Стефан Богоев, Јулијана Николова, Васко Ковачевски, Сашко Поцков, Тања Ковачев, Ејуп Аљими и Фадил Зендели.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата  за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом. 

На дневен ред на конститутивната седница е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија за чие изгласување потребни се 61 глас од вкупниот број на пратеници.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи изјави дека по внатрешните анализи, но и по консултациите со другите политички партии, е одлучено кандидатот на ДУИ, но и на парламентарното мнозинство за претседател на Собранието на Република Македонија, да биде Талат Џафери.

За СДСМ важно е првиот човек на Парламентот да има искуство, да го знае Парламентот и парламентарната демократија. Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за телевизија Канал 5 изјави дека Талат Џафери е еден од посериозните кандидати за претседател на Собранието на Република Македонија.

- Ние имаме наши кандидати. Партијата БЕСА има свој кандидат. Џафери е еден од посериознините кандидати затоа што од сите други кандидати поседува најголемо искуство во работењето на Парламентот и верувам дека има големи шанси тој да биде, истакна Заев. 

Од Движењето БЕСА, пак, изразија резервираност околу изборот на Џафери за претседателот на Парламентот со оглед на тоа што не учествувале при договарањето на СДСМ и ДУИ. Нивниот портпарол за Телевизија 21 најави дека имаат свои кандидати. 

И ВМРО-ДПМНЕ остави можност да излезе со свој предлог.