Македонија
6. July 2016 - 19:22

Собранието ги усвои измените за Законот за основно и средно образование

 Екстерното тестирање да започнува од 6 одделение, добиените оценки да не стојат во сведителството на ученикот и набљудувачите да се избираат на јавен конкурс, предвидуваат новите законски измени за основно и средно образование што денеска беа усвоени од страна на Собранието на Република Македонија. 

Оценките од екстерното тестирање нема да стојат во сведителството, туку во посебен додаток со сведителството, а Државниот испитен центар со објавувањето на прашањата да објави и пробни тестови за вежбање за учениците од шесто одделение до четврта година средно образование. Набљудувачите на екстерното тестирање ќе се избираат на јавен конкурс и ќе добиваат паричен надоместок утврден од Државниот испитен центар.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека измените се исти со барањата на учениците и студентите и оти со нив ќе се подобри квалитетот во основното и во средното образование.

Во попладневниот дел од 108. седница беа донесени по скратена постапка повеќе закони меѓу кои измените на Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, на Законот за наставници во основните и средните училишта, на Законот за Академијата за наставници и измените на Законот за внатрешни работи. 

Собранието на денешната седница ги прифати во прво читање и измените на Законот за органско земјоделско производство, а го усвои и Годишниот извештај за извршените ревизии за работењето на Државниот завод за ревизија за 2015 година.