Македонија
14. January 2016 - 21:20

Собранието ги прифати измените на Законот за енергетика

Собранието на Република Македонија во рамките на денешното продолжение на 85-тата седница со 50 гласа „за“ и 17 „против“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, со кој се предвидува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да биде надлежна и за одредување на тарифникот за цената на водата за пиење во сите општини во земјава. 

Заменик-министерот за економија Христијан Делев истакна дека ова законско решение е направено со цел преку Регулаторната комисија за енергетика да се стави ред во овој сектор, бидејќи, како што рече, во моментот имаме многу несовесни претпријатија кои наплаќаат вода од граѓаните, но не плаќаат на државата.

- Ова е нов транспарентен начин во кој нема да влијае самоволие. Ова е овластување кое го даваме на Регулаторната комисија за енергетика која ќе ги регулира минимум цените во овој сектор, бидејќи досега многу претпријатија не ги почитуваа, рече Делев.

Со законското решение се предлага Регулаторната комисија да ги регулира цените на водните услуги, а за тоа нејзиниот состав ќе биде дополнет со двајца експерти.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека предлогот е суштински и за граѓаните, и за стопанството и за комуналните претпријатија. Според него, на овој начин се дава можност стручно тело кое ја разбира својата работа да даде оценка дали таа цена е добра, дали треба да се зголеми или намали. - Ова тело нема да дава дозволи и предлози за зголемување на цената, истакна тој.

Љупчо Димовски од СП посочи дека советите на општините не се компетентни за донесување одлуки за цените за водата и затоа РКЕ ќе ја постави рамката врз основа на која претпријатијата ќе ја донесат одлуката.

Панче Орцев, пак, истакна дека не е добро решение РКЕ да одлучува за цената на водата и додаде дека пратеничката група на СДСМ ќе гласа против. 

- Ние сме против ова законско решение и на овој начин да се реши прашањето со цените. Нашиот став е дека ние имаме илјадници забелешки на сегашната работа на РКЕ која ги одредува цените на енергенсите и сметаме дека не е во состојба да ги реши овие прашања што се поставуваат пред неа со ова законско решение, рече Панчев.

Според Марјанчо Николов од СДСМ, овој закон требаше да се носи во редовна постапка. Да оди во прво читање, да се утврди потребата, потоа да се поднесе анализа за состојбата со јавните претпријатија и откако ќе помине во прво читање да се организира јавна расправа и потоа законот да оди во втора фаза. - Не може вакви суштински закони да се носаат по скратена постапка, рече Николов. 

Тој истакна дека сега е добро регулирано прашањето за цената на водата за пиење преку општините и нагласи оти со овој закон се префрла една надлежност на РКЕ која, како што посочи, ќе значи да ги зголемува цените на водните услуги во Република Македонија. 

Во рамки на продолжението на оваа седница попладнево Собранието го донесе Законот за дополнување на судска служба, Законот за измени и дополнување на Законот за административни службеници, Законот за изменување и дополнување на законот за внатрешни работи.

Седницата ќе продолжи утре во 12 часот.