Бизнис
17. November 2017 - 20:24

Со засилени контроли владата ќе ја зголемува наплатата на даноци

Со засилени контроли државата ќе работи на тоа секој да си го плати данокот. Само така ќе се спречат сите злоупотреби на законите и оштетувањето на државната каса. Граѓаните и фирмите  ќе мора да сфатат колку е важно  да се подмират овие давачки, посочи министерот Тевдовски  Ова беше и една од препораките на Светска банка од каде посочија дека Македонија мора поефикансо да ги собира даноците,  но и поефикасно да се трошат парите.

- Потребна е поефикасна наплата на даноците, особено е нужно подобрување кај прибирањето на Данокот на додадена вредност (ДДВ), рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски. „Граѓаните мора да сфатат колку е важно да се плаќаат даноците. Без тоа не можеме да ги развиваме столбовите на општеството, образованието, здравството. Факт е дека Македонија изминатите години имаше една од послабите наплати на даноците во споредба со останатите земји во регионот“, рече Теводвски.

УЈП веќе подготви дел од законските измени кои ќе придонесат да се соберат повеќе пари од даноците. Дел од нив ќе ги засегнат нерегистрираните земјоделци кои досега не плаќале персоналец за приход под 300 000 денари. Од први јануари и тие ќе бидат оданочени а во нивно име данокот ќе го плаќаат фирмите откупувачи кои ќе земаат производи од нив.

Даночните експерти објаснуваат дека земјоделците ќе платат само 2 отсто  данок на приходот што го остваруваат бидејќи имаат право на одбивка од 80 отсто. Вака може се додека не остварат приход од милион денари и ќе мора да се регистрираат.

Земјоделските здруженија засега не сакаат да ги коментираат измените, велат дека не знаат за што станува збор и никој не ги информирал.

Поради сите измени, УЈП ќе има поголема контрола на сите приходи на граѓаните и наместо нив ќе ги пополнува и доставува даночните пријави кои треба само да ги потврдат.