Македонија
28. July 2017 - 13:13

Со поддршка од УНДП иновативни решенија за подобар пристап до услуги

Испораката на услуги на локално ниво треба да се подобри преку олеснување на пристапот на граѓаните до општинската администрација и вклучување на граѓаните во креирањето на услугите и начините на нивна испорака, истакнаа министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон, на денешниот состанок на Управниот одбор на проектот Иновативни решенија за подобар пристап до услуги. 

За таа цел Министерството за локална самоуправа, во соработка со УНДП ќе работат на создавање услови за зголемување и унапредување на услугите кои што граѓаните ќе можат да ги добијат по електронски пат, како и унапредување на концептот за добивање на услугите на едно место, преку развивање на функционални центри за услуги во сите општини.

Фазлиу истакна дека Министерството за локална самоуправа во рамките на неколку комплементарни проекти ќе работи на зајакнување на капацитетите на општините со цел тие да можат посамостојно и поквалитетно да одговорат на потребите на граѓаните.

- Министерството за локална самоуправа во фокусот ги има граѓаните кои што во општините обезбедуваат голем број важни услуги. Системот на локалната самоуправа, вклучувајќи ги административните и финансиските ресурси на општините треба да функционира согласно потребите на граѓаните. Затоа Министерството за локална самоуправа ќе работи на обезбедување на механизми кои што ќе овозможат поефикасно, потранспарентно и поотчетно управување на локално ниво, рече Фазлиу.

Постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија Луиза Винтон ја поздрави соработката со Министерството за локална самоуправа и истакна дека овој проект ќе се надополнува со новиот проект за подобрување на локалното управување, финансиран од Европската Унија, кој исто така ќе биде имплементиран од страна на УНДП, што ќе значи значителна поддршка на општините во обезбедувањето на услугите во наредниот период.

Во рамките на овој проект е предвидено и зајакнување на капацитетите на Центрите за развој на планските региони преку поддршка на Бизнис центрите, Мрежите за инклузивен развој, како и на воспоставување на регионални канцеларии за енергетска ефикасност, соопшти Министерството за локална самоуправа.