Балкан
16. November 2017 - 11:46

Со нов закон Хрватска го укинува монополот на таксистите

Во Хрватска се подготвува закон за превоз во патничкиот сообраќај и доколку се усвои во Саборот  до новата туристичка сезона таксистите ќе имаат целосна либерализација.

Се предвидува да се укине монополот на досегашните таксисти, а ќе биде регулирана и позицијата на Убер возачите, кои би можеле клиентите да ги превезуваат во согласност со прописите.

Предлогот на новиот закон предвидува на превозниците да им се даде можност да бираат дали наплатата ќе ја извршуваат преку таксиметар или со апликација. Таксисти нема да можат да бидат помлади лица од 21 година, а ќе биде ограничена и староста на возилата. Најважна новина е тоа што локалната самоуправа повеќе нема да може да го ограничува бројот на издадени дозволи, туку ќе мора да ги издаваат на сите кои поседуваат валидна лиценца.

Покрај тоа, возачите од еден град ќе можат да работат и во друг град или општина. Така, на пример, таксист од Пожега може да вози и на подрачјето на Сплит, а локалната самоуправа ќе биде должна да му издаде дозвола во рок од 15 дена. Во спротивно ќе се смета дека таксистот веќе има дозвола.

На овој начин ќе се реши сегашната апсурдна ситуација во која загребските таксисти не смееја да земаат клиенти од подрачјето на загребскиот аеродром, бидејќи тој формално-правно сега е под надлежност на градот Велика Горица. Тие смееја да ги доведат до аеродромот, но да се вратат празни.

Таксистите ќе мора да имаат и „добар углед“, што значи дека со такси дејност нема да можат да се занимаваат лица со правосудни пресуди, казнени мерки за забрана за возење или со најтешки сообраќајни прекршоци. 

Лиценцата за такси возење ќе се издава на пет години. Новиот закон ќе ја ограничи цената за изработка на дозволата за работа која локалните самоуправи досега ја одредуваа произволно. Со измените, надоместот за дозвола ќе изнесува максимално 10 отсто од просечната месечна нето плата во општината.

Освен тоа, општините ќе немаат можност да влијаат на цената на возењето, бидејќи тоа ќе им биде препуштено на таксистите. Такси компаниите и таксистите ќе имаат право да наплатуваат по километар возење како што сами ќе си одредат и како што ќе им биде најисплатливо. 

На подрачјето на Хрватска регистрирани се три илјади таксисти, а се проценува дека има околу две илјади Убер возачи. 

Се очекува со либерализацијата да се зголеми тројот на таксисти и да се намали бројот на невработени.