Македонија
15. July 2015 - 20:26

" Со маки сум се родила " - Документарен филм за животот на Вања Лазарова

 Богатото музичко творештво на Вања Лазарова е преточено во документарниот филм „Со маки сум се родила“.  За доајенот на македонската народна песна во филмот зборуваат нејзините блиски соработници, според кои Вања е уметник кој се раѓа еднаш во сто години.

-Со ова што ми го приредивте, ми направивте голема чест. Ова никогаш не сум го доживеала, макар што сум поминала разни места низ светот. Ова доживување ми е најмило, рече Лазарова.

-Во еден збор кажано - се работи за лирско патување низ нејзиниот живот преку нејзината песна, рече продуцентот Иво Јанкоски. 

Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска овој документарен филм има трајна вредност и ќе остане како сведоштво за македонската култура.

-Вања Лазарова е една од најголемите музички легенди, личност која испеа огромен број македонски изворни песни, во кои се отсликува нашата богата традиција, обичаи, македонската музика, се разбира, сето она што претставува идентитет на нашата држава, рече министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Како признание за нејзиниот допринес во областа на културата, Вања Лазарова лани ја доби и државната награда за животно дело „11 Октомври“.