Македонија
23. July 2017 - 9:33

Со концертите Проект „Хајдавеј“ и оној на Лери Дан и пријателите завршува џез-викендот на „Охридско лето“

Џез-викендот што се одржува во рамки на Фестивалот „Охридско лето“ ќе биде заокружен со вечерашните два концерти – Проектот ,,Хајдавеј“ на Ксантон Блек и Мајкл Печис Стјуарт и вториот концерт на Лери Дан со пријателите.

Претставникот на уникатната музичка сцена на Њу Орлеанс – Мајкл Печис Стјуарт и Ксантон Блек - соработникот на Ејми Вајнхаус, Лаура Мвула и Џејсон Ребело, чии музички корени се во Нигерија, преку Проектот „Хајдавеј“ се споени во уникатно музичко патување со мелодии од нивните родни места, патување исполнето со џез, R&B, афробит и фанк.

Печис Стјуарт е дел од онаа генерација џез-музичари која ги зема оригиналните фанк, џез и соул основи и со неговиот инструмент (труба) ги претвора во мноштво нови и „свежи“ музички видувања. Преку неговите соработки со великаните како Ал Џероу, Маркус Милер и др., Печис го става својот уникатен музички печат во музичката историја.

Ксантон Блек е по потекло од Нигерија и ги внесува неговите африкански корени во музиката што ја создава. Тоа е успешен спој на старото со новото, фанкот и африканската музика. Преку соработката со Ејми Вајнхаус како нејзин клавијатурист, Ксантон Блек го поминал светот на турнеи со оваа мега-ѕвезда.

Завршницата на овој џез викенд што на „Охридско лето“ беше реализиран како замисла за збогатување на програмата на фестивалот со музичко-уметнички збиднувања замислени да ги комплетираат уметничките доживувања на се поразличната фестивалска публика, припаѓа на Лери Дан, човекот кој е заслужен за трансформацијата на групата „Earth, Wind & Fire“ во еден од најуспешните бендови во светот, со продадени повеќе од 100 милиони албуми, со седум награди „Греми“ и 13 номинации, четири американски музички награди, 32 платинумски плочи и ѕвезда на холивудскиот булевар.

Дан заедно со Џеј Марсон (САД), Шерил Рене (САД), Даниел (Данска),,Џад Николс (В. Британија), Џеспер Норденстром (Шведска), Mатијас Трол (Шведска), Mортен Џеј (Данска), со гудачки квартет составен од уметници од Македонија и хорот „Хармосини“ ќе изведат многу негови авторски дела, секако и дел од најпознатите композиции на „Earth, Wind & Fire“.

- Почестени сме што сме дел од фестивалот „Охридско лето“, во овој прекрасен град исполнет со култура, на уште поубавото езеро...Ова е мое прво гостување во Македонија, со нетрпение и големо возбудување го очекуваме настапот со останатите членови на мојот бенд „Лери Дан и пријателите“. На прекрасната сцена покрај самото езеро ќе изведуваме наши авторски композиции, класични џез дела, секако и дел од светските хитови на „Earth, wind and fire“, рече Дан на доаѓањето во Охрид.

Шлагворт за охридската фестивалска публика на вечерашниот негов концерт ќе биде и најавената изведба на обработки на композиции во 7/8 такт, карактеристичен за македонските песни и ора.