Македонија
7. September 2017 - 16:36

Со 9 гласа за и ниеден против или воздржан, законот за јазици помина на собраниска комисија за европски прашања

Со 9 гласа “за” и ниту еден глас “против” или “воздржан”, Комисијата за европски прашања го усвои заклучокот дека Законот за јазиците е прифатлив, и од аспект на неговата усогласеност со ЕУ и треба да премине на натамошна процедура. Единствено пратениците на ВМРо ДПМНЕ не гласаа, откако не им беше одобрено нивното барање за поединечно изјаснување.

Претходно свое обраќање имаа и шефовите на четирите најбројни пратенички групи. Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ посочи дека законот не само што не е уставен, туку и се потсмева со Уставот и со Рамковниот договор.

Тоа што треба да не сплотува, станува камен на сопнување, рече во своето обраќање координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, според кого реакциите на ВМРО ДПМНЕ се со цел добивање на политички поени.

Според координаторот на БЕСА, Фадил Зендели, и по 16 години од Охридскиот договор, албанскиот јазик сеуште не е службен, а доказ за тоа е и денешната расправа.

Законот не е победа или загуба за ниту една од страните, истакна Ејуп Алими, координаторот на ДУИ, посочувајќи дека без промени на Уставот не може да се направи повеќе.

Инаку, комисијата како матично работно тело по законот, кој е со знамето на Европската унија, ја започна расправата во вторникот, а по усвојувањето назаклучокот, истата ќе продолжи на пленарна седница.