Балкан
12. January 2017 - 11:42

Словенија со закани до Хрватска: Ќе ви ја саботираме туристичката сезона

Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец изјави дека Словенија може да ја саботира хрватската туристичка сезона во случај Хрватска да одбие да примени одлуки на арбитражен суд за Пиранскиот залив.

– Тоа сигурно ќе и наштети на Хрватска. Мислам на оние кои од Австрија и Германија преку Словенија ќе патуваат кон Хрватска. Ако тоа прашање биде отворено и ако арбитражната одлука не биде имплементирана, ќе има потешкотии и таа работа нема лесно да се реши, изјави Ерјавец за ТВ Сити од Словенија.

Според риечки Нови лист, Ерјавец „очигледно смислил план како би се саботирал патот на германски и австриски туристи низ Словенија кон Хрватска“.

Весникот додава дека таа скандалозна и недипломатска изјава најавува скорешна ескалација на словенечко-хрватскиот спор за судбината на арбитражната одлука на судот што се очекува оваа година.

Словенечките политичари очекуваа по промената на владата во Загреб и промена на одлуката за откажување од арбитража и за враќање на Хрватска во таа постапка, но тоа „падна во вода“ откако Загреб соопшти дека за нив арбитражниот договор е мртов.

Хрватска и Словенија не успеваат веќе 25 години да го решат тој спор со билатерални преговори.

Ерјавец открива дека владата во Љубљана побарала од сите државни тела да се подготват за примена на арбитражната пресуда и извршување суверени права на места за кои во пресудата се вели дека се словенечки.

Според Нови Лист, тоа би можело да предизвика нови „блиски средби“ и инциденти меѓу словенечката и хрватската полиција на спорното морско подрачје во Пиранскиот залив со оглед дека Хрватска нема намера да ја признае арбитражната одлука.