Свет
18. October 2017 - 21:42

Словенија предложи формирање комисија за демаркација на границата со Хрватска

Словенечкиот премиер Миро Церар испрати писмо до својот хрватски колега Андреј Пленковиќ во кое бара двете земји да формираат комисија која би се ангажирала за граничниот спор.

Според Церар, главен мандат на таа комисија би требало да биде имплементирање на арбитражниот договор за морската граница меѓу двете земји. Хрватска не се согласува со заклучоците на арбитражата и одбива да ги имплементира.

- Комисијата би започнала процес на демаркација на границата, а доколку биде потребно, би ги проучила и потребните практични прашања, пишува во писмото на Церар до Пленковиќ.

Церар воедно бара разговор за делот од договорот во кој е предвиден коридор преку кој Словенија би имала пристап до отворено море во Јадранот, каде би можела непречено да ја регулира пловидбата, воздушните прелети и поставувањето на комуникациски кабли.