Балкан
1. March 2016 - 14:32

Словенечката полиција ги враќа имигрантите без „скршена“ пара во Хрватска

Словенечката полиција на имигрантите од земјите кои не се зафатени од војна им ги одзема парите, а висината на казната зависи од износот што во тој момент го имаат во себе, тврдат хрватските медиуми. 

Доколку полицијата кај имигрантите пронајде 120 евра, казната ќе биде во висина од 120 евра, или ако пронајде 330 евра, казната ќе биде 330 евра, па така тие во Хрватска ќе бидат вратени без пари во себе. 

„Нови лист“ од Риека пишува дека поседува потврди за одземени предмети и казни кои словенечката полиција им ги наплатила на оние кои ќе ги фати на својата граница. 

На една од тие потврди, на пример, е видливо дека словенечката полиција од имигрант одзела 330 евра, а на друга дека имигрант платил казна од 460 евра. 

Во одреден број случаи, наведува „Нови лист“, гаранција за премин на бегалците не е ниту сириски ниту ирачки пасош, бидејќи во земјите кои се наоѓаат во балканската рута службените власти им поставуваат трик прашања и доволно е да погрешат во еден одговор за патот да им биде блокиран, пренесува Танјуг.