Македонија
27. јуни 2017 - 16:33

Следуваат четири дена со температури и до 42 степени, Македонија пред портокалова фаза

Од утре до петок кога се најавени пеколни горештини, скопскиот Црвен Крст по улиците ќе им помага на граѓаните. Четири мобилни тимови ќе патролираат низ централното градско подрачје  и на поголемите автобуски постојки. Ќе им мерат притисок на оние кои ќе се пожалат на тегоби, ќе делат вода и флаери со совети за заштита од топло време. Лекарите велат дека општите препораки важат за сите, но посебно мора да внимаваат трудници, деца и хронично болните.

-Ако пијат терапија да не излегуваат кога е најтопло, исто и малите деца кај кои се уште не е регулиран системот за терморегулација да не бидат изложени на сонце. Секогаш да се носи соодветна облека и заштитна капа, вели Михаил Кочубовски од ИЈЗ

Освежување и разладување со вода е спасот од горештините, но таа да не биде со мраз, советува Кочубовски.

-Не знаете како е манипулирано со мразот и може да дојдат до вас и бактерии, затоа нема потреба од мраз, вели Кочубовски.

На 40 степени целзиусови сите бегаат од врелиот асфалт во разладени простории каде е климатизирано. Но според експертите,  тоа дополнително може да го загрози нивното здравје. Препорачуваат умерено користење на клима уредите и нивно редовно чистење за да избегнат зараза од легионерската болест.

- Не смее внатре да ви биде 22 степени и излезете надвор на 35 степени, тогаш ќе доживеете топлотен удар. Доволно е да биде 25 степени и секако пред да излезете да ја исклучите климата за да ви се аклиматизириза телото, вели Кочубовски

Во автомобилите експерите советуваат прво отворање на прозори и пуштање на климата да работи па после неколку минути да почнете со возењето. На тој начин ќе се спасите од хемикалиите кои биле насобрани во уредот.