Свет
20. October 2017 - 17:24

Следниот Самит на НАТО закажан за 11 и 12 јули 2018 година во Брисел

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска соопшти дека следниот собир на шефовите на држави или влади на членките на Алијансата ќе се одржи следната година во Брисел, каде што се наоѓа и седиштето на Пактот, јави дописникот на МИА од нелгискиот главен град.
 
- Со задоволство објавувам дека следниот Самит на НАТО ќе се одржи на 11 и 12 јули 2018 година во Брисел, Белгија, изјави Столтенберг.
 
Според него, на овој Самит се очекува уште повеќе да се зацврсти врската меѓу Европа и Северна Америка на која е заснован НАТО, бидејќи, како што рече, продолжува прилагодувањето на Алијансата за 21 век.
 
Во тој поглед, како одговор на заканите што постојат, според Столтенберг, НАТО е во тек на спроведување на најголемото засилување на својата колективна одбрана.
 
- Нашите мултинационални борбени групи на истокот на Алијансата сега се целосно оперативни и го зајакнуваме нашето присуство во регионот на Црното Море. Исто така ги засилуваме нашите напори против кибер нападите и против хибридните закани. Ние ќе ја градиме нашата вредна работа со партнерските нации и организации за борба против тероризмот и одржување на стабилноста на нашето соседство. Ние ја зголемуваме нашата мисија да ги обучуваме, советуваме и помагаме авганистанските сили за да осигураат дека нивната земја никогаш повторно нема да стане безбеден рај за меѓународните терористи. Ја поддржуваме глобалната коалиција за да го поразиме ИД и работиме на зајакнување на партнерите, како Ирак, порача Столтенберг.
 
Генералниот секретар на Алијансата, исто така истакна дека НАТО уште повеќе ги продлабочува односите со Европската унија, во интерес на „доброто на своите народи“.
 
Инаку, зависно од развојот на преговорите за разликите околу името со Грција, Македонија и на овој Самит, како и на сите претходни по Самитот во Букурешт во 2008 година, ќе очекува добивање на покана за членство во НАТО.