Македонија
19. October 2017 - 8:50

„Слаткарница Европа“ - изложба на Александар Станкоски во Вроцлав

Во Галерија Миејска (Градска галерија) во Вроцлав, Полска, вечер во 18 часот ќе биде отворена изложба на Александар Станкоски насловена „Слаткарница Европа“. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски, а соработници се Кашја Јозвиак и Горан Путица.

- Ацо Станкоски, како сведок на актуелните случувања и ситуации, ја гради својата естетска стратегија на демистификација на општествените феномени. Тој ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања како на локално, така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за креирање синтеза на историските уметнички правци и за реакција на општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби..., соопшти Колектив Зеро.

Изложбата се реализира и организира на покана на Галерија Миејска од Вроцлав и е помогната од Министерството за култура на Република Македонија.