Ракомет
12. January 2017 - 19:36

Слатка одмазда на отварањето на СП: Македонија Тунис 34:30

 
Македонија со голема победа стартуваше на Светското ракометно првенство откако го совлада Тунис со 34-30. Ова беше слатка одмазда против стариот должник, кој ни го сруши олимпискиот сон минатата година во квалификациите. Македонија губеше и со четири голови разлика, но во последните 15 минути нашите ракометари одиграа фантастично и со серија од 7-1 го свртеа натпреварот во своја корист.
 
Првото полувреме беше тешко и неизвесно. Двете репрезентации немаа повеќе од два гола разлика, а Македонија водеше со 2-0, 9-7 и 10-8, но Тунис во финишот успеа да дојде до водство и на полувремето да го заврши со водство од 13-14. Овие први 30 минути го одбележаа и неколкуте судиски грешки на корејската двојка, кои на Македонија и одземаа три чисти топки. Доколку беше подобра реализацијата од крилната позиција, можевме многу лесно да водиме по првото полувреме, но противничкиот голман Макрем Мисауи имаше свој ден, бидејќи забележа 10 интервенции само во првиот дел.
 
Лошо тргнавме во вториот дел па губевме и со до тој момент највисоки 20-24. Следуваше серија од 3-0 на нашите по неколкуте исклучувања на Тунижаните, а во 46-тата минута дојдовме и од израмнувањео од 25-25. Се играше гол за гол, а Македонија по подолго време се врати во водство во 52-та минута, кога Дејан Манасков во контра реализираше за 29-28.
 
Благодарение на неколкуте одлични одбрани на Благојче Трајковски на голот до водство од 32-28 на точно четири минути до крајот. Македонија беше во серија од 7-1 во финишот и водеше со 34-29 на само 90 секунди до последниот свиреж на судиите. До крајот противникот само успеа да го ублажи поразот за 34-30.
 
Кире Лазаров беше вистински лидер на тимот како и секогаш со 12 голови од 16 шута. Манасков и Стоилов постигнаа по седум погодоци. Задутре Македонија во второто коло игра против Ангола и со триумф против оваа репрезентација веќе ќе го обезбедиме местото во следната фаза.