Скопје и Тирана се збратимија
Градоначалниците на Скопје Коце Трајановски и на Тирана Ерион Велиај, денеска потпишаа спогодба за соработка и збратимување на двата града.
Градоначалниците Трајановски и Велиај, на потпишувањето на спогодбата во Тирана потенцираа дека ќе биде засилена соработката меѓу културните, научните и образовните институции. Скопје и Тирана ќе разменуваат искуства и експерти во областа на комуналната инфраструктура, сообраќајот, одржливиот развој, заштитата на животната средина, социјалната заштита, културата, спортот и во сите други области коишто се од значење и во интерес на двата града, соопшти Град Скопје.
- Ми претставува особена чест што денеска го потпишавме овој договор за соработка, односно договор за збратимување, како еден од највисоките документи за соработка меѓу два града. Ова збратимување има големо значење за Скопје зашто ние доаѓаме од две соседни земји кои негуваат одлична соработка, изјави Трајановски.
Градоначалникот на Тирана, Велиај, истакна дека со задоволство очекува размена на искуства за работењето на Град Скопје, за успешното функционирање на јавните претпријатија, за сообраќајните решенија и за менаџирањето со кризните ситуации.
- Очекувам по неколку недели да ја возвратиме посетата на Скопје, како прв чекор во нашата соработка. Заинтересирани сме да подготвиме календар за соработка во многу сфери од нашето делување, нагласи Велиај.
Соработката меѓу Скопје и Тирана датира од 1996 година. Оттогаш се реализирани неколку возвратни посети, а особено е интензивна соработката на полето на културата, уметноста, образованието и спортот.
Скопје е збратимен со вкупно 19 градови, а има воспоставено пријателски односи и соработува со над 50 градови од светот, почнувајќи од 1961 година.
Ново на Сител
-
Игор Јуриќ: Да бидеме подготвени на најлошото, но да не се предаваме - верувам во чудо
-
Почина уште едно повредено лице во терористички напад во Москва
-
ВМРО-ДПМНЕ ја официјализираше својата коалиција
-
Мицкоски очекува ТВ дуел со Ковачевски
-
МТСП: Понеделник неработен за граѓаните од католичка вероисповед
-
Се уште нема трага од двегодишната Данка, потрагата продолжува
-
Индустриското производство во февруари зголемено за 0,3 отсто
-
ДЗС: Струјата во второто полугодие лани поскапела за 8,2 отсто