Македонија
18. October 2017 - 16:09

СЈО понуди нови докази за „Сопот“

Специјалното јавно обвинителство останува на истото обвинение за случајот Сопот.

На денешното прво рочиште откако обвинителството на Јанева го превзеде овој предмет, специјалниот обвинител Бурим Рустеми поднесе нови докази меѓу кои прислушувани телефонски разговори помеѓу поранешни високи функционери и предложи како сведоци да бидат сослушани 6-мина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Дали овие докази ќе бидат прифатени или не судот ќе се изјасни на следното рочиште закажано за 23 ноември.

И клучниот сведок во случајот Сопот утрово јавно проговори за физичкото и психичко малтретирање со кои бил изнуден неговиот исказ врз кој се темелеше првостепената пресуда.

-Бев малтретиран и мачен и психички и физички и на секаков друг начин. Лицата на оние кои ме сослушуваа нема никогаш да им ги заборавам. Кога се случи случајот јас воопшто не бев присутен во Македонија. Имам печат на пасошот. Докажано е дека не сум бил во Македонија“, рече тој.

За случајот Сопот, Кумановски суд осуди 11 лица за тероризам на вкупно 150 години затвор за поставената мина на локалниот пат Сушево-Сопот од која на 4 март 2003-та загинаа двајца полски војници на НАТО и еден македонски државјанин. Во судница и денеска се појавија само шестмина од обвинетите, на 4-ца кои се во бегство им се суди во отсуство, додека еден од обвинетите е починат и за него е запрена постапаката.