Македонија
17. November 2017 - 17:19

Сител тема: Дали е потребно системско решение за децата кои се лекуваат со СМС пораки?

Андреј, Јован, Елифе, Димитар... Ова се само дел од имињата на децата за кои се бара финансиска  помош за лекување во странство. Во моментот на социјалните мрежи има апели за донации за уште 10-тина други лица, повеќето деца. Во поголемиот број случаи од Фондот за здравство се оградуваат дека до нив немало барање за лекување. Инаку за државата да даде пари болно дете да оди на операција во странство треба таква интервенција воопшто да не се изведува во Македонија, потоа неопходно е конзилијарно мислење од тројца специјалисти од конкретната Клиника и на крај оваа документација се доставува до Комисиите при ФЗОМ кои се составени од професори на медицина. Тие одлучуваат врз основа на дијагнозата и  дали после оперативниот зафат ќе се подобри состојбата на пациентот. Токму ваквата процедура и недовербата на родителите во македонскиот здравствен систем за операции кои се прават кај нас се најчестите причини зошто семејствата се одлучуваат потребните средства да ги собираат преку донации. Од друга страна телефонското донирање отвора и можности за злоупотреби. Сите овие причини ја наметнуваат потребата  од системско решение за да нема потреба од донации. Во овој сегмент надлежен е Фондот за здравство.

- Покрај инсистирањето не добивме изјава од Фондот за здравство на оваа тема. И додека надлежните молчат апелите за помош за лекување стануваат се побројни.

Според здруженијата на пациенти апелите за финансиска помош се несигурно и краткорочно решение. Сметаат дека болните не треба да зависат од донации за лекување.

- Се додека немаме едно системско решение кое државата ќе го обезбеди и ќе ги стави под закрила оние на кои им е најпотребно и ќе постојат точни приоритети и начини како ќе се адресираат нивните проблеми, не смееме да зависиме од донации, изјави за Сител Ања Босилковска Антовска, здружение на пациенти со ретко заболување Вилсон.

Од Здружението Клик Акција пак предлагаат со заложба на државата, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор да се отвори солидарен фонд преку кој би се лекувале оние осигуреници кои претходно се одбиени од ФЗОМ и се да биде транспарентно.

- Парите од овој Фонд би се исплаќале директно во болницата во која ќе се одвива лекувањето. Имаме успешни примери на вакви фондови кои функционираат и во регионот. Потребна е само волја кај носителите на политиките да се имплементираат и во Македонија, согласно потребите на македонските осигуреници.

Инаку годинава од 270 барања до Фондот за лекување во странство одобрени се 230. Државата за оваа цел издвојува од 7 до 10 милиони евра. Буџет кој расте од година во година, а истовремено се повеќе има и апели за донации