Македонија
27. May 2017 - 17:49

Сител сторија: Како до долговечност преку советите на дедо Петар од ,,Ѓорче Петров‘‘

Дедо Петар од Ѓорче Петров има 95 години. Секој ден пешачи по три километри. И на оваа возраст не му е потребна патерица. 

- Има 1,5 километар до пазарчето пеш одам и пеш се враќам и тоа ме одржава, изјави Петар Папунчевски.

Редовна физичка активност и умереност во храната и алкохолот е рецептот на дедо Петар за долговечност.

- Пијам си ракија ама по една чашка пред јадење, тоа ми е пиење и после јадење една чашка пиво или вино. –Мрсна храна јадете ли? – Мрсна храна, не толку многу средно јадење, али јадам се, вели дедо Петар.

Роден е во 1922 година во Скопкско Раштак, но родителите за да го спасат од служење во Бугарската војска го пријавиле една година подоцна. Дедо Петар скоро 20 години е вдовец.

- Имам две ќерки и 1 син, имам 6 редовни внуци и 5 правнуци, е тоа го имам и фала богу иде некако, додава дедо Петар.

Со многу емоции раскажува за учеството во партизаните и како бил ранет на Сремскиот фронт.

- Кренаа на јуриш, ама на една камбанарија имаше еден Германец со митралез, кога рекоа ќе го фатат он закоси и 35 души ги снема и мене ме ранија после 1 саат 2 па бев во болница, после продолживме до Ѕидани мост и тука завршивме, се сеќава дедо Петар.

Папунчевски е корисник на воена пензија и е горд што на никого ништо не му должел.

- До сега никој не тропнал на врата да рече, еј ти си должен, вели Папунчевски.

Посакува да доживее 100 години.

- Па ако бидам како дедо ми можам да дојдам до 100-ка. Дедо ми живееше 116 години и беше подвижен до крај, вели дедо Петар.

Речиси секој работен ден дедо Петар доаѓа во Центарот за стари лица на Црвениот крст каде се дружи со пријателите.

- Дедо Петар е нашиот највозрасен корисник, и многу сака да раскажува за неговите доживувања, вели Катерина Гиевска, стручен соработник на Црвениот Крст.

Од Црвениот кртс велат дека и на 95 години на дедо Петар не му е проблем и пеш да дојде од Ѓорче до Центар.

– Дедо Петар се надева дека ќе доживее 100 години. Редовна физичка активност е рецептот за долг живот. Како што објави Сител пред неколку дена во моментот во Македонија има 418 лица над 100 години со активно здравствено осигурување.