Македонија
21. February 2017 - 16:31

Сител сторија: Инспекторите го увидоа хаосот во старскиот дом во Радишани

Со мерка времено затворање се соочува домот за стари лица Бранкица по контролата направена од Министерството за труд и социјална политика. Инспекторите утврдиле пропусти и непочитување на основните услови за работа на инситутцијата. Немало лифт за транспорт на неподвижни пациенти а нудат геријатриски услуги. Сомнителен за надлежните бил и начинот на кој се обезбедува храната за корисниците.

-Ќе биде направен и стручен надзор, и потоа ќе биде утврдено кои мерки ќе бидат преземени. Евидентно е дека на лице место утврдивме дека ова е установа која според закон не треба да има кујна, но мора да обезбедува кетеринг услуга за исхрана на корисниците. Ќе биде разгледана и самата лиценца што ја има објектот, изјави Душко Миновски државен советник во Министерството за труд  и социјала.

Не запираат реакциите на граѓани за начинот на работа во домот. Овие фотографии испратени во Сител сведочат за третманот на корисниците. Пелени за неподвижни пациенти кои се за еднократна употреба се перат и сушат во дворот. За лошиот третман сведочат и соседите.

- Памперсите се сушат, кујната е во дрвена шупа, ги слушаме болните како викаат - реагира сосед на домот Бранкица

Луѓето кои живеат во куќите околу домот не сакаа да зборуваат јавно, но велат дека со години се во спор со сопственикот на Бранкица а со него воделе и судски процес.

Директорот на  домот за стари лица Бранкица и денеска не сакаше да даде изјава пред камера и да одговори на обвинувањата на Зорка Петковска и други семејства дека има нехуман однос кон корисниците на домот. Вели дека е доволен демантот испратен до Сител во кој ги негира ваквите тврдења.

По сторијата на Сител во која Зорка Петковска изнесе шокантни тврдења дека сопругот Владо бил малтретиран и изгладнуван во  домот Бранкица, ги поттикна надлежните инситутции наредниот период да направат контрола во сите установи кои нудат згрижување за стари лица.