Македонија
22. February 2017 - 16:13

Сител сторија: Целосно одземање на лиценца или времено затворање на неколку месеци за куќата на хоророт во Радишани

Одземање на лиценцата или времено затворање на неколку месеци за домот за стари лица Бранкица во Радишани. Овие два предлози по инспекцискиот надзор од Министерството за труд и социјална политика, ќе се најдат на владина седница каде треба да одлучат како ќе биде казнета установата за која Зорка сведочеше дека сопругот бранко бил малтретиран, изгладнуван и без соодветна здравствена заштита. Министерот Ибрахими вели дека нема да биде толерантен кон никој кој не ги почитува правилата.

- Констатирани се многу неправилности а сега се разгледува и лиценцата. Инспекции ќе има во сите вакви установи. Ќе им дишеме во врат и мора да функционираат како што треба, вели Ибрахим Ибрахими министер за труд и социјална политика

Во Сител не престануваат јавувања на семејства кои имале лошо искуство со домот. Велат нема лекар, корисниците кои се неподвижни не добиваат соодветна терапија и без да им јават на блиските починатите самоиницијативно ги носат во капела во Бутел.

- И порано при редовни инспекциски контроли на Министерството за труд и социјална политика во домот за стари лица Бранкца, констатирале неправилности во работењето. Очигледно истите се повторуваат.

И додека надлежните одлучуваат какви мерки ќе преземат, пензионираниот полицаец Владо петковски доби здравствена нега. Медицинска екипа од геронтолошкиот завод 13 ноември денеска го посети во домот каде го прегледаа и најавија дека ќе одат кога има потреба.

- Го прегледавме, тој е во лоша состојба но нема сериозни рани, и кажавме на сопругата како да го негува, и оставивме број да не побара кога има потреба, вели др.Деспина Милошевска Еврушовска од Геронтолошки завод 13 Ноември....

Чувањето на Владо е тешко, но Зорка не се предава и вели правдата ќе ја бара до крај.

- Јас не се откажувам, ќе одам до крај и нека ме побараат сите кои сакат тоа да го направиме, вели Зорка Петковска

Според информации на Сител, повеќе семејства веќе се организираат да поднесат заедничка тужба против домот за стари лица Бранкица.