Македонија
18. April 2017 - 16:26

Сител истражува: СЈО мора веднаш да ги уништи незаконски прислушуваните приватни разговори

Специјалното јавно обвинителство мора веднаш да ги уништи незаконски прислушуваните снимки кои се од приватни разговори и за кои се утврдило дека не содржат индиции за сторени кривични дела, смета поранешниот министер за правда. Според него, СЈО мора да го почитува законот за кривична постапка и законот за следење на комуникации и да ја заштити приватноста на граѓаните.

Со Маневски се согласува и поранешниот јавен обвинител. Костов вели дека доколку СЈО постапува според законите овие снимки веќе требаше да бидат уништени, но според него, тоа има и добра страна бидејќи по завршувањето на мандатот на Катица Јанева на 30 јуни, надлежните органи ќе можат детално да истражат како работеле специјалните обвинители.

Специјалното јавно обвинителство во последниот извештај кој го опфаќа 6 месечниот период пред 15 март објави дека успеало да преслуша близу 273.000 разговори. Од нив, во 960 утврдиле дека има индиции за евентуално сторени кривични дела, додека останатите разговори, според СЈО не би можеле да се користат во некоја истражна или кривична постапка. СЈО утврдило дека над 90.000 од разговорите се стриктно приватни разговори. Дали овие разговори кои немаат употребна вредност во евентуална истрага или кривичен процес обвинителството на Јанева ќе ги уништи согласно законот од СЈО денеска нема одговор.

Според експертите, ваквите разговори за СЈО немаат никаква употребна вредност и единствено би можело да бидат користени за уцени и рекет на оние кои биле прислушувани.

На месец дена пред крајот на мандатот, според последниот извештај СЈО преслушало околу 45% од вкупниот број на разговори. До сега поднесени се две обвиниенија.