Свет
24. April 2017 - 9:57

СИПРИ: Русија е повторно трета во светот, според бројот на трошоците за одбраната

Русија минатата година и покрај тоа што е во економска криза, повторно ја помести Саудиска Арабија од третата позиција во светот во однос на трошоците во сферата на одбраната, застанувајќи зад САД и Кина, соопшти денеска Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ). 

Земјата лани за воени трошоци одделила 69,2 милијарди долари, што е за 5,9 повеќе отколку во 2015 година. Таа сума претставува 5,3 отсто од нејзниот Бруто домашен производ, што е нешто невидено од распаѓањето на Советскиот сојуз пред 25 години, нагласи СИПРИ.

- Ова зголемување на трошоците во тешко време за економијата се одразува негативно на руската економија во сегашниот деликатен момент за неа поради ниските цени на горивата и економските санкции, воведени во 2014 година од Западот поради украинскиот конфликт, коментира СИПРИ во својата анализа.

Саудиска Арабија, со трет по големина воен буџет во 2015 година, лани се симна на четвртата позиција. Трошоците за одбрана се намалиле за 30 отсто, на 63,7 милијарди долари, независно од нејзиното континуирано учество во конфликтите во регонот. 

- Падот од приходите од нафта и стопанските проблеми, падот на курсот на валутите принудија голем број извознички на нафта да ги намалат воените трошоци, изјави Нан Тајан, експерт од СИПРИ.

На прво место е воениот буџет на САД, кој е зголемен во 2016 година за 1,7 отсто, на 611 милијарди долари, а на второ е Кина со зголемување од 5,4 отсто, односно 215 милијарди долари. 

Според СИПРИ зголемувањето на американските воени трошоци во 2016. „бележи можеби крај на една тенденција кон пад“, која беше забележителна за време на владеењето на Барак Обама поради стремежот кон намалување на буџетските трошоци и благодарение на повлекувањето на воените контингенти од Авганистан и Ирак. 

- Но идното движење на трошоците останува неизвесно со оглед на променливата политичка ситуација во САД, нагласи Од Флорант, кој ја раководи програмата за истражување на вооружените и воените трошоци.

Западна Европа, која беше мета на серија терористички напади од 2015 година досега и која е критикувана од Трамп поради неодоволно средства во буџетот на НАТО, ги зголемува воените трошоци веќе втора година по ред, за 2,6 отсто. 

На петтото место е Индија, а по неа се Франција и Велика Британија. 

Во Централна и Источна Европа се чувствува тенденција на повторно вооружување, особено во балтичките земји. Тоа, според СИПРИ, делумно може да се препише на ставот, дека Русија претставува голема закана за нив, изјави Симон Веземан, научник од СИПРИ. 

Вкупниот буџет за воени потреби за европските членки на НАТО, околу четири пари го надминуваат тој на Русија.