Македонија
1. January 2017 - 17:17

Синоќа има само 28 алкохолизирани, 3-ца предозирани од дрога и 3-ца со тешки повреди од петарди

Триесет и тригодишен скопјанец ќе остане без два прста како последица од петарда. За време на новогодишната ноќ е хоспитализиран на Клиниката за пластична хирургија. Од пиротехнички средства биле повредени уште неколку лица, кои за среќа, по санирање на повредите биле пуштени дома. Ова е само дел од новогодишниот билтен во здравствените установи. На Токсикологија примиле 28 алкохолизирани од кои 9 биле малолетници и еден кој бил предозиран од дрога. Токсиколозите задоволни што од година во година е се помал бројот на пијани деца.

- Сите се третирани до утринските часови и потоа пуштени на домашно лекување. Пациентот предозиран со опојни дроги е во добра состојба и е пуштен дома. - Забавата да биде забава, расположението да се подигнува на секаков можен друг начин, а алкохолот да биде можеби само мал додаток за оние кои консумираат храна и кои се повозрасни и кои знаат  какви се последиците од целата ваква состојба, изјави Жанина Перевска од Клиника за Токсикологија.

93-ца на Ургентен и 65 пациенти изминатото деноноќие завршиле во Клиниката за хируршки болести Св. наум Охридски. Кај дел биле неопходни оперативни интервенции а повеќето по амбулантскиот третман ги пуштиле на домашно лекување. Едно лице е хоспитализирано на КАРИЛ по пад од скеле.

- Шест пациенти се здобиле со полесни повреди во собраќајни незгоди и се пуштени на домашно лекување, а двајца се здобиле со повреди при физички напад. Исто и тие се пуштени на домашно лекување. Двајца пациенти се здобиле со повреди од петарди и тие се пуштени на домашно лекување, изјави др. Христијан Костов од Клиника за трауматологија

- Од останатите пациенти, 25 се трауматолошки пациенти кои се јавиле на преглед. Кај седум од нив се работи за скршеници на подлактица и на лакт, една повреда е од петарда и кај овој пациент раката е третирана и тој е пуштен на домашно лекување. Укажана е лекарска помош и на повредени во четири сообраќајни несреќи. Повредените имале полесни повреди и се пуштени на домашно лекување. Амбулантски се третирани и пациенти кои здобиле повреди во две тепачки, изјави др. јасминка Чабуковска Радуловска директор на Клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски.

Мирна новогодишна ноќ имале и во скопската брза помош и дежурните пунктови. Од 81 интервенција , 27 биле итни од кои биле повикани кај 15 алкохолизирани лица. Биле на терен и кај две сообраќајни несреќи со полесно повредени. Во оваа служба евидентирале и 4 смртни случаи во домашни услови, за кои причината за смртта ќе ја утврдува судска медицина. 

-За четирите смртни случаи во текот на ноќта немало претходно повик до Итната медицинска помош за интервенција, туку се пронајдени во домашни услови и повикана е службата да утврди смрт. Согласно статистичките податоци можеме да кажеме дека новогодишната  вечер и во текот на денот помина релативно мирно. Граѓаните, сепак, ги почитуваат препораките кои ги даваме и се надеваме дека и во наредните празнични денови ќе продолжиме на овој начин, изјави др. Татјана Баевска – Вучковиќ, директор на Здравствен дом, Скопје.

Како и во Скопје, од здравствен аспект министерот Никола Тодоров вели дека  новогодишната ноќ поминала реалтивно мирно и во останатите градови, со определен број на интервенции кои не отстапуваат од нормалниот број и тип.

- Како и секоја година, за жал, има интервенции кои се резултат на повреди од петарди. Тоа се провлекува секоја година и затоа апелираме внимателно ракување или избегнување на ракување со пиротехнички средства зашто многу често доаѓа до несакани последици, рече Тодоров. Додаде дека има и повеќе интервенции од тимовите за итна медицинска помош, а во Тетовската болница направени се и неколку коронографии како резултат на проблеми со срцето, изјави Никола Тодоров министер за здравство.

На граѓаните 24 часа им беше достапна и линијата Ало докторе, каде најмногу совети барале за зголемената температура кај деца како поселдица на грипот.