Македонија
20. November 2017 - 16:33

Синодот на БУП од следната недела ќе одлучува за писмото на МПЦ за автокефалност

Синодот на бугарската православна црква од следната недела ќе го разгледува писмото што Архиепископот г.г Стефан го испрати со барање за воспоставување литургиско единство меѓу двете цркви и признавање на Автокефалноста на МПЦ ОА. Ова го потврдвија за  Сител извори од бугарската патријаршија. Додека официјално не се изјасни Синодот на БПЦ, ниту еден од нив не сака да коментира велат,  бидејќи станува збор за деликатно прашање.

-Нека биде Бог со нас, нека ни помогне Свети Климент да донесеме разумна и најправилна одлука. Засега какви било коментари можат само да предизвикаат шпекулација. Да почекаме синодот на БПЦ да се произнесе, па ќе зборуваме, вели за Сител еден од Архиереите на БПЦ кој сакаше да остане анонимен.

Неофицијални извори пак сметаат дека кај мнозинството владици на бугарската црква постои расположение позитивно да се одговори на писмото.

Инаку во македонската јавност продолжуваат реакциите по испратеното писмо. Деканот на православниот богословски факултет смета дека конечно се наѕира соломонско решение за македонското црковно прашање. Проф д-р Ѓоко Ѓоревски во интервју за МИА вели дека на балканот целото православие е роднински поврзано а речиси сите современи национални цркви како „мајка “ ја имаат Цариградската Патријаршија. 

Тука е и скоро осумвековното постоење на Охридската архиепископија, која низ историјата, исто така имала свои рожби. Но , бидејќи го користиме мајчинството како парадигма за нашите црковни состојби, да се потсетиме дека тое е исклучително голем дар, но и уште поголема одговорност. Вистинската мајка не се срами од своето чедо, не го обезименува, таа не е себична и се радува подеднакво, колку на денот на раѓањето на сопствената ќерка, толку и на денот кога таа ќе биде подготвена да си замина и да создаде сопствен дом, изјави проф д-р Ѓоко Ѓорѓевски декан на Православен богословски факултет Св. Климент Охридски

Деканот преку примерот на мудриот Цар Соломон ја опишува и македонската спорна состојба со црквата.

- Често употребуваната синтагма своето потекло го води од една библиска сторија, кога пред мудриот цар Соломон две жени ќе спорат која од нив е вистинската мајка на едно дете. Соломон ќе заповеда тоа со меч да се преполови и на жените подеднакво да им се подели. Едната веднаш се согласила и рекла: „нека не биде ни мое, ни твое: пресечете го!“, додека другата извикала: „дајте ѝ го на другата, само не убивајте го!“ И тогаш, и сега, која се покажува како вистинска мајка?, прашува Ѓорѓевски