Бизнис
18. јуни 2017 - 16:25

Синдикатот од „Југохром“ на средба со Заев, најавено решение за идната недела

Решение за побрзо рестартирање на Југохром. Вакво ветување доби Синдикатот на комбинатот по денешната средба со премиерот Заев.

Следната недела владиниот тим ќе се сретне и со инвеститорот односно сопственикот на Југохром. Од него ќе побараат цврсти гаранции за поставување на филтрите.

Единственото барање на Синдикатот е што е можно поскоро да почнат со работа и паралелно да продложи поставувањето на филтрите за отпрашување. Особено во овој период кога има помало загадување во Тетово.

На средбата бил присутен и вицепремиерот Анѓушев, кој е еден од поранешните сопственици на комбинатот и добар познавач на состојбата.

Агонијата на вработените почна во ноември лани. Комбинатот беше затворен поради пробивањето на рокот за поставување на филтрите кои треба да го намалат загадувањето на воздухот. Вработените и покрај тоа што не одеа на работа добиваа редовни месечни примања , се додека менаџментот објави дека нема повеќе пари за плати. Отпуштени беа најголем дел од работниците. На работа останаа околу 70 лица кои ги одржуваат машините.