Бизнис
14. November 2017 - 14:57

Синдикатот на УПОЗ бара неотповиклива оставка од Зоран Караџовски

Синдикатот на УПОЗ денеска побара неотповиклива оставка од претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, бидејќи, според нив тој е еден од главните виновници за лошата финансиска состојба во која се наоѓаат вработените во судовите.

- Караџовски го сметаме за главен виновник затоа што двапати по 40 проценти кои минатата година ни беа задржани, беа на сметка на судовите до 31 декември 2016 година и можеше многу едноставно со негово одобрение овие пари да ни бидат вратат назад, истакна потпретседателката на Синдикатот на УПОЗ, Верица Тасева на денешната прес-конференција.

Синдикатот на УПОЗ реагира поради тоа што со Предлог-буџетот за 2018 година се изоставени вработените во судската служба и во јавнообвинителската служба, кои неколку пати досега штрајкуваа барајќи зголемување на платите и исплата на додатоците за плата.

Од Синдикатот на УПОЗ се надеваат дека наскоро ќе се подобрат и условите за работа на вработените во казнено-поправните и во воспитно-поправните домови бидејќи, како што информираа, веќе е остварена средба со директорот на Управата за управување на санкции и во подготовка е новиот закон за извршување на санкции во кој учествуваат и претставници на синдикатот.  

Во врска со актуелната состојба околу изборот на претседател на ССМ, ставот на Синдикатот на УПОЗ е дека нивниот кандидат Пецо Грујовски ги исполнил условите да биде можен кандидат за претседател. Следните денови, како што најавија од УПОЗ, со став ќе излезе нивниот кандидат Грујовски.