Бизнис
22. September 2017 - 19:35

Синдикатот бара државата да најде решение за Фени Индустри

Државата не смее да дозволи затворање на Фени индустри, со што 850 лица ќе останат на улица. Од СИЕР ги повикуваат  надлежните  да најдат  начин фабриката да продолжи со нормално функционирање односно  да се одблокира сметката. Од синдикатот се оптимисти и се надеваат и дека банката ќе ја тргне блокадата, и ќе излезе во пресрет на  комбинатот.  Потенцираат дека поради ова фирмата не може да добие поврат на ДДВ од државата.

Од Фени вчера соопштија дека поради ниската цена на фероникелот загубите на комбинатот почнале да се таложат. Проблеми имале и со побарувањата од повеќе доверители, поради што се се соочиле и со блокирана сметка. Вчера во фабриката влегле и извршители. Опозицијата смета дека сметката е блокирана за да се заштитат бизнис интересите на вицепремиерот Анѓушев.

Дали хајката која се води против комбинатот „Фени“ е со цел да се обезвредни еден ваков капацитет кој влијае врз целокупната економија на Македонија? Дали притисоците врз фабриката се со цел менаџерскиот тим да се откаже и по багателна сума да го продаде овој комбинат? Дали јавноста ќе биде сведок на скора промена на сопственичката структура со цел да се задоволат нечии бизнис интереси? Загрозени се работни места, загрозена е егзистенцијата на илјадници семејства, добавувачи, шпедитори и транспортери. Граѓаните не сакаат неизвесност, а Кочо Анѓушев и Зоран Заев со своите изјави покажуваат дека или немаат конкретна идеја или можеби имаат скриени намери за комбинатот „Фени“, нагласи Јакимовски.

Ваквите обвинувања ги демантираат од компанијата во сопственост за вицепремиерот.

Би сакале да потенцираме дека, ЕДС ДОО Скопје ниту ја иницирала постапката за блокирање на сметките на ФЕНИ ИНДУСТРИ АД ниту пак има желба ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци да се затвори. Напротив, ЕДС ДОО Скопје како и досега а така и понатаму својата иднина на македонскиот пазар ја гледа во соработка со успешни и просперитетни компании во кои несомнено ја вклучуваме и ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци.

Анѓушев пак вчера уверуваше дека Владата е посветена на изнаоѓање решение за фабриката и дека ниту еден работник нема да биде отпуштен од работа.