Македонија
7. December 2017 - 14:35

Синдикат на ЦУК: Директор на ЦУК да биде професионалец

Претседателот на Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи Илија Бојаровски денеска на прес-конференција побара од Владата за директор на ЦУК да биде поставен професионалец од сферата на кризниот менаџмент, го обвини актуелниот В.Д. директор Агрон Буџаку за некомпетентност и нестручност, но и за дискриминација на докажани кадри, како и за трошење пари за честење. 

Буџаку, пак, ги демантираше наводите на Бојаровски посочувајќи дека тој настапува во лично име, а не во име на Синдикалната организација на ЦУК. Ова го потврдија и дел од членовите на Синдикатот на ЦУК, кои кажаа дека немало состанок со членовите на кој би се дискутирало дали овие наводи да бидат изнесени во јавноста, но оти синдикални средби немало и претходно.  

Бојаровски рече дека некомпетентноста и нестручноста е евидентна кога се поставуваат партиски и политички кадри во државни органи, како што рече, како во случајот со в.д. директорот на ЦУК. - Раководењето со кризен штаб подразбира да го води професионалец, а и да го свика на време, а не после кризата. Обвини дека тројца професионаци во ЦУК се распоредени со „упатувања“ на други работни места за да не пречат. Буџаку, според претседателот на синдикалната организација, потрошил 40.700 денари на седум ручеци во еден ден со претставници на јапонската организацијата Џајка и со две други меѓународни организации.   

В.Д директорот на ЦУК Буџаку го обвини Бојаровски дека се занимава со оцрнувања и тоа го прави редовно кога има избори надевајќи дека со измислени работи и обвинувања дека ќе ја постигне својата цел или тој да стане директор или некој друг да стане директор.  

Центарот за управување со кризи има 220.000 денари за трошоци за репрезентација и дека 40.000 денари потрошил за да ја почести шестчлената делегација од Јапонија и шест претставници од Центарот кои биле со него.

- Не беа шест пати туку тоа беше така евидентирано затоа што со картица така се плаќа бидејќи органичувањето е шест илјади денари по картица. Еднаш сум потрошил толку, вели Буџаку. 

ЦУК, потенцираше тој, вчера доби благодарница од Џајка за соработката на два проекта, а сега треба да  започне и трет проект за пошумување од свлечиште и поплави. Најдобар одговор за тоа дали професионалци го водат ЦУК и работат во него е благодарницата од Џајка и можноста ние да одржуваме работилници за земјите од Западен Балкан.  

Тој тврди дека откако е директор на ЦУК никогаш немало состанок на синдикалната организација.

- Човекот се повикува на тоа дека води синдикат, а никогаш не е одржан состанок, рече тој додавајќи дека сака да зборува со синдикатот во врска со неисплатени обврски од Министерството за финансии за зголемување на плати. Ќе ги повика 30-те членови на синдикатот на состанок затоа што, како што кажа, Бојаровски не ја работи својата работа.