Македонија
23. February 2017 - 14:04

„Син портокал“ - нова продукција на Велешкиот театар

Народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ од Велес започна со подготовки  на својата втора продукција од Годишната програма на театарот за 2017 година, која е поддржана од Министерството за култура.
 
Станува збор за постановка на драмскиот текст „Син портокал“ на светски познатиот британски автор Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски.
 

- „Синиот портокал“ е саркастична комична пиеса, која се осврнува на расата, менталната болест и британскиот живот во 21-виот век. Во центарот на пиесата се двајца психијатри кои се обидуваат да се справат со млад шизофрен пациент, појаснува режисерот Ивановски.
 
Воедно, неговата постановка во Велешкиот театар е и праизведба на македонската театарска сцена.
 
Во претставата настапуваат актерите: Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски и Жарко Спасовски. Сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката Сашко Костов.
 
Според најавата од Ивановски, премиерната изведба на претставата „Син портокал“  се планира  за крајот на март.