Македонија
27. January 2017 - 15:41

Симпатизер на претседателот Трамп нападнал муслиманка на аеродромот во Њујорк

Американецот Робин Родес (57) кој се декларирал себе си како симпатизер на новиот претседател Доналд Трамп, е уапсен и обвинет, откако нападнал една муслиманка на аеродромот „Џон Кенеди“ во Њујорк.

Жената, која е вработена во аеродромските канцеларии на авионската компанија „Делта Ерлајнс, била облечена во својата традиционална облека.

Родес, кој е од сојузната држава Масачусетс, се нафрлил со клоци врз жената, извикувајќи „Трамп ќе ве избрка сите вас од Америка“, а потоа ја ставил во една канцеларија и ја блокирал влезната врата.

Американските медиуми јавуваат дека обвинителството на њујоршката оптина Квинс го обвинило Родес за напад врз расна основа, за говор на омраза и за бесправно затворање на жената.

Доколку биде осуден се соочува со затворска казна до четири години.

Во соопштението на компанијата „Делта Ерлајнс“ се вели дека во моментот на инцидентот, нивната вработена била во својата канцеларија. Родес насила влегол во канцеларијата и ја натерал да се постави на подот како за молитва.

- Сега Трамп е тука, па сите вие ќе бидете избркани. Одете си во Германија, Белгија или Франција- тие се земји за вас. Ќе видите што ве очекува, извикувал Родес пред да биде совладан од полицијата и уапсен.

Во соопштението на компанијата се вели дека нападната жена доаѓа на работа со шамија на главата, а понекогаш носи и хиџаб.