Кошарка
29. July 2016 - 14:13

Симоновски пак се врати во МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Марко Симоновски (27 год, 191 см), во новата сезона повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром, објави клубот на својата интернет страница. Симоновски минатата сезона играше за Куманово, а во кариерата играл и за Вардар, Работнички, Фени индустри како и за австрискиот прволигаш Аркадија лајонс.
 
Марко Симоновски, втор пат во кариерата ќе биде дел од тимот на МЗТ, пред две сезони тој беше избран за најкорисен играч (МВП) на финалната плејоф-серија (заедно со Сеад Шеховиќ), кога имаше просек од 7,8 поени и 2,2 скока во АБА-лигата односно 9,4 поени и 2,4 скока во домашното првенство.
 
Инаку, Симоновски е на списокот на играчи кои конкурираат за место во репрезентацијата, но сеуште им се нема приклучено на соиграчите кои се подготвуваат за квалификациските натпревари, поради повреда на грбот.
 
Симоновски е четвртиот кошаркар кој потпиша за  МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок и тоа по Холанѓанецот Шарлон Клоф, Американецот Џош Скот и повратникот во екипата, Србинот Ѓорѓе Дреновац.